Македонија Тодоров најави трајно вработување на 2.000 хонорарци од здравствениот сектор

Тодоров најави трајно вработување на 2.000 хонорарци од здравствениот сектор

Околу 2.000 лица кои неколку години работат хонорарно во здравствениот сектор ќе добијат решенија за работа на неопределено време, најави денеска на прес-конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.

Тој посочи дека постапката за вработување на доктори, медицински сестри, техничари, правници и на друг персонал била веќе во процедура и 35 отсто од лицата, односно околу 700 од нив, ќе бидат вработени веднаш, а останатите својот статус ќе го решат до септември наредната година.

Приоритет во динамиката на вработување ќе имаат лицата што најдолго време биле ангажирани со договори на определено време во здравствените установи.

– Околу 700 лица ќе бидат вработени веднаш, додека останатите лица ангажирани на дело ќе бидат вработени на неопределено време од 1 декември оваа година, односно од 1 септември 2016 година. Со примената на оваа мерка во сите јавни здравствени установи низ Републиката, долгорочно ќе го решиме егзистенцијалното прашање на поголем број лица кои досега биле ангажирани во здравствените установи како волонтери или со договори на определено време – рече Тодоров.