Економија ТМ: Надлежните да спроведат истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите

ТМ: Надлежните да спроведат истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите

Изјавата на белгискиот експерт Питер Ванхауте дека постојат силни индиции за злоупотреба и за корупција при трошењето на дури 40 отсто од средствата од ИПА-фондовите кои ѝ биле доделени на Македонија, е уште еден финансиски скандал што ги потврди сериозните сомневања кај невладиниот сектор во земјата и на меѓународните организации за степенот на корупција во највисоките ешалони на власта – се вели во извештајот на „Транспарентност Македонија“ за март.

Оттаму велат дека овој потенцијален скандал упатува на тоа дека владејачката гарнитура сметала дека и доделените средства од европските фондови може да ги злоупотреби на ист начин како и средствата од буџетот на државата.

– ТМ пред неколку години, по откривањето на скандалот со злоупотреба на европските фондови и судирот на интереси од страна на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, побара од надлежните органи да поведат постапка за утврдување одговорност. Но, слично како и во другите случаи на злоупотреба извршени од владини функционери, наместо одговорност на директорот, последиците од овој скандал ги почувствуваа младите лица кои неколку години не можеа да ги користат средствата од овие блокирани европски фондови – се додава во извештајот.

Од ТМ бараат јавниот обвинител, Марко Зврлевски, како и јавниот обвинител од Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција, Јован Илиевски, по допрен глас од јавноста (изјавата на Питер Ванхауте), да поведат постапка за утврдување одговорност на сите потенцијално инволвирани во овој скандал.

– Тоа е единствениот начин да се пресретне големата штета по угледот на државата и да се амортизираат можните значителни финансиски реперкусии, како по однос на суспендирање на европските фондови за Македонија, така и за враќање на злоупотребените пари. ТМ бара Државната комисија за спречување на корупцијата итно да отвори предмет во врска со овој случај за кој постојат сериозни индиции за корупција на високо ниво – велат оттаму.