Економија Тевдовски: Со буџетот за 2018 се фокусиравме на ефикасно трошење на...

Тевдовски: Со буџетот за 2018 се фокусиравме на ефикасно трошење на парите

Министерството за финансии се фокусираше на ефикасност во трошењето на средствата во буџетот за 2018 година, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски на министерската конференција во Париз на тема „Доброто деловно јавно управување-сервис за граѓаните и бизнисите“, организарана од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Тој додаде дека важно е да има инвестиции и трошење, но уште поважно е за што парите ќе бидат потрошени.

„Ние не се фокусиравме толку на расходната страна и намалувањето на расходите, колку на тоа, за што се трошат средствата. Наш приоритет како министерство и влада е да ја зајакнеме ефикасноста при трошењето на јавните средства, притоа обезбедувајќи, расходите ефективно да се користат за вистинските цели, а јавноста да добие вредност за парите“, рече Тевдовски.

Тој додаде дека за социјалните трансфери и земјоделски субвенции, Владата многу повеќе се фокусира на нивната правилна употреба.

Во однос на транспарентноста на трошењето, Тевдовски истакна дека, „доколку јавноста е запознаена како се управува со средствата и како тие се трошат, тогаш би можела да врши постојан притисок врз функционерите кога тие не управуваат добро со средствата.“

За Стратегијата за управување со јавни финансии потенцираше дека треба да биде усвоена до крајот на годината, и спроведена во наредните години.