Дописници Тетовски населби две недели се соочуваат со рестрикции во водоснабдувањето

Тетовски населби две недели се соочуваат со рестрикции во водоснабдувањето

Поради изградба на атмосферска канализација на улицата Иво Лола Рибар во Тетово, повеќе тетовски населби се соочуваат со целодневни рестрикции. Велат дека се навикнати на вакви прекини во водоснабдувањето и дека резервите со вода постојано ги имаат во нивниот дом.

– Веќе две недели има рестрикции во водоснабдувањето. Но ние веќе сме навикнати, па имаме шишиња и буриња со вода. Се надеваме дека ќе се стабилизира состојбата со водоснабдувањето, затоа што без вода не се живее – изјави жителка на Тетово.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека градската водоводна мрежа во некои делови од градот како што налагаат прописите, мора да се исклучи додека се гради атмосферска канализација. Оттаму се надеваат дека за десет дена проблемот со прекините во водоснабдувањето ќе се надмине.

– Ние градиме нова атмосферска канализација на улицата Иво Лола Рибар и изградбата на канализацијата ќе трае уште десетина дена и во овој период мораме да ја исклучуваме водоводната мрежа, во некои делови од градот. Значи не се работи за недостиг од вода за пиење. По завршувањето на изградбата водоснабдувањето во Тетово ќе биде нормално – изјави Самедин Абедини, раководител на единицата на водовод и канализација при Јавното комунално претпријатие Тетово.