Дописници Тетово: Повеќето жители од зоната Б сè уште се без паркинг-место

Тетово: Повеќето жители од зоната Б сè уште се без паркинг-место

Во рамки на зоната Б, која се воведе месецов во Тетово, за поголем дел од станарите сè уште нема обезбедено паркинг-место.

Поголемиот дел од станарите што живеат во рамки на зоната Б, каде месецов се воведе овој начин на паркирање, останаа без паркинг-место. Велат дека аплицирале за месечен билет за зонско паркирање, но од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ биле одбиени, поради тоа што зад нивните згради имале гаражи.

– Се обративме да ни издадат месечен билет како што предвидува правилникот за зонско паркирање. Но, веднаш бевме одбиени. Ни одговорија дека зад нашите станбени објекти имаме гаражи. Но, во нашиот комплекс на згради живеат речиси 100 семејства, а тука има само 20 гаражи – изјави еден жител од улицата Јане Сандански која припаѓа во Б-зоната.

Само 30 отсто од вкупно 285 места за паркирање во зоната Бсе определени за станарите. Од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ изјавија дека ќе ја зголемат бројката на паркинг-места наменети за станарите во рамки на оваа зона.

– Во наредниов период, станарите што живеат во зоната Бќе можат да аплицираат за дополнителни 50 паркинг-места. За целосно решавање на проблемот, за овие станари ќе уредиме и неколку отворени паркиралишта зад нивните згради – изјави Фејсел Беадини, раководител на „Градски паркинг“.

Раководителот Беадини вели дека за неколку месеци се планира да се изградат и неколку затворени паркиралишта за станарите од зоната А, за кои според правилникот на зонското паркирање, немаат можност да аплицираат за месечен билет за паркирање во рамки на зоната.