Свет Балкан Телефонски разговор Заев – Ципрас: Договорот од Преспа е приоритет

Телефонски разговор Заев – Ципрас: Договорот од Преспа е приоритет

Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас имале телефонски разговор по оставката на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос вели дека и двајцата премиери се согласиле и повториле дека работат на имплементација на Договорот од Преспа.

– Премиерот контактира многу редовно со господинот Заев. Очигледно е дека премиерот на соседната земја нема да ги коментира внатрешните ситуации и внатрешната сцена во Грција, наспроти тоа, се согласија и го повторија она што им е на сите познато дека и двајцата работат за Балкан на 21. век и двајцата работат за имплементација и стапување во сила на Договорот од Преспа – рече Ѕанакопулос во интервју за грчката државна телевизија „ЕРТ“.

Информативниот портал „Ин“, пишува дека Ципрас го информирал Заев за она што се случило околу оставката на Коѕиас и за тоа дека тој лично го презема Министерството за надворешни работи, додека пак македонскиот премиер на неговиот грчки колега му ја пренел ситуацијата во Македонија за гласањето во Собранието и позицијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.