Веднаш по 6.30 часот утрово голем број граѓани добиле краток повик од за нив непознат број кој што најчесто почнувал на +8818. Мобилниот им заѕвонил само еднаш и веднаш се прекинала врската. Оние кои што го повикале назад бројот се жртви на измама и нивните сметки за мобилна телефонија овој месец најверојатно ќе бидат повисоки. Тоа е затоа што, во конкретниот случај, вртејќи на бројот што почнува на +8818, се јавиле на број регистриран на сателитскиот телекомуникациски провајдер “Globalstar”. Оние што го игнорирале пропуштениот повик не се оштетени.
Станува збор за варијанта на познатата телефонска измама наречена „Вангири“ која изворно потекнува од Јапонија. Направена е преку машинско или софтверско јавување на серија на броеви, a напаѓачот „игра на картата“ на љубопитноста на корисниците.
Од АЕК потенцираат дека свикале итен состанок со мобилните оператори „со цел надминување на ваквата состојба“. Покрај повиците од сателитскиот оператор „Globalstar“, според АЕК, имало повици и од мобилни оператори од Литванија и Естонија.
Од Македонски телеком, пак, преку соопштение информираа дека во текот на денешниот ден се регистрирани „повици од непознати дестинации кон наши корисници чија цел е да се генерира непотребен сообраќај“. Посочуваат дека, покрај тоа што се блокирани броевите, оневозможено е и повикувањето кон нив.
Слично како АЕК, и тие апелираат „корисниците постојано да бидат претпазливи и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви, со цел за да се избегнат злоупотреби и дополнителни непредвидени трошоци“.
Но, оттаму не ја соопштуваат вкупната бројка на дојдовни или појдовни повици кои се случиле рано утринава преку кои што може да се дознае опфатот и вредноста на измамата.
Олеснителна околност за измамените корисници е тоа што можат да поднесат приговор за да не им бидат наплатени овие средства.