Македонија „ТехноАлпин“ го претстави планот за инвестиции во Попова Шапка, предвидени се седум...

„ТехноАлпин“ го претстави планот за инвестиции во Попова Шапка, предвидени се седум фази

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Инвеститорите од италијанската компанија „ТехноАлпин“ заинтересирани за Попова Шапка денеска го претставија нивниот план за развој на овој туристички центар. Процесот е во рана подготвителна фаза и договорот сè уште не е потпишан. Министерот за животна средина призна дека во овој центар не се инвестирало цели дваесет години и рече дека се очекува тоа да се направи преку оваа компанија, а договорот се очекува да биде потпишан во текот на месец јануари. Од друга страна, процесот на одвојување на Попова Шапка од „Елем турс“ заврши и основана е компанија која ќе управува само со „Попова Шапка“, пишува Порталб.мк.

Извршниот директор на компанијата „ТехноАлпин“, Ерих Гумерер рече дека на Попова Шапка, меѓу другото, ѝ е потребен систем за вештачки снег, и дека нивната компанија е докажана во оваа насока со нивниот придонес во Зимските олимписки игри. Што се однесува до причините за нивната заинтересираност за една таква инвестиција на Попова Шапка, Гумерер изјави:

„Можам да ви кажам дека ги знам сите скијачки центри во светот, гледаме што функционира, а што не, откривме дека Попова Шапка има една одлична иднина, има висок потенцијал и добра основа, има потенцијал за туристите, и токму затоа рековме да. Веруваме дека оваа инвестиција ќе се реализира“.

На денешната прес-конференција, претставниците на оваа компанија накратко го презентираа планот за нивната инвестиција на Попова Шапка. Планирано е инвестицијата да се реализира во седум фази и истата вреди околу 180 милиони евра.

Првата фаза, вредна 55 милиони евра, ќе се реализира во периодот 2023-2028 година, а останатите фази (2-7) од 2028 година.

Тие, меѓу другото, рекоа и дека инвестицијата ќе опфати вкупно 16 нови ски-патеки, 9 нови ски-лифтови, 4 хотели, ресторани, викендички, италијанска пицерија, три нови паркинзи, нови патишта и друго.

Во првата фаза се очекува приоритет да биде изградбата на системите за вештачки снег, бидејќи се планира сезоната да трае подолго и истата да не зависи од снежните врнежи. Но, за да се произведе снег потребни се резервоари за вода, а поради тоа тој рече дека ќе инвестираат во две цистерни за вода. Тој нагласи дека е важно Попова Шапка да се користи и во текот на летото, и за тоа ќе се користат жичарниците и велосипедските патеки.

Поконкретно, во првата фаза планирано е да се реализираат следните инвестиции:

  • Поставување на две нови жичарници со 6/8 седишта;
  • Две нови скијачки патеки;
  • Инсталација на системи за вештачки снег;
  • Авантуристички парк, игралиште, простор за рекреација и релаксација;
  • Нов асфалтиран паркинг со паркинг простор за 600 автомобили;
  • Изградба на нови пристапни патишта до Попова Шапка;
  • Изградба на два нови хотели од категоријата со 4 ѕвезди;
  • Инвестирање во две нови машини за одржување на скијачките патеки.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, истакна дека за модернизација и проширување на овој центар не се инвестирало цели дваесет години, а долгорочниот недостиг на инвестиции довел до сериозни доцнења и недоволно искористување на многубројните можности и капацитети кои ги нуди оваа туристичка локација.

Имајќи предвид дека државата не можела да инвестира, тој нагласи дека изборот на „ТехноАлпин“ бил направен преку Законот за стратешки инвестиции и оваа компанија имала најприфатлива понуда и е сериозен инвеститор.

„Сега треба да седнеме и да ги усогласиме сите точки од договорот кои може да имаат било какви недостатоци, до јануари верувам дека ќе имаме еден финален договор кој ќе го претставиме на јавноста и кој потоа ќе го доставиме до Собранието“, рече Нуредини, додавајќи дека преку оваа инвестиција ќе се зголеми туризмот, приходите во државата и ќе се отворат нови работни места.

Меѓу другото, министерот нагласи и дека заинтересираниот инвеститор е информиран за состојбата во Попова Шапка и за проблемите таму.

Овој предлог-проект за стратешка инвестиција во Попова Шапка Владата го усвои на седницата одржана на 25 ноември.

Основана е компанија која ќе управува само со „Попова Шапка“

По многу одолговлекувања, конечно основана е нова компанија која ќе стопанисува само со Попова Шапка. Досега со овој туристички центар стопанисуваше „Елем Турс“ од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

„Основани се две посебни компании „Молика“ и „Попова Шапка“. И двете се подружници на ЕСМ, кои се одвоени една од друга. „Молика“ и „Попова Шапка“ досега беа заедно во едно друштво – „Елем турс“. Сега „Елем Турс“ формално сè уште постои, но овие две компании не се дел од него, туку се директни фирми-ќерки на ЕСМ. Актуелната ситуација е таква“, велат за Порталб.мк, од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Основањето на оваа компанија која ќе стопанисува само со „Попова Шапка“ е првиот чекор кон модернизација на скијачкиот центар.

„Скијачкиот центар „Попова Шапка“ е основан од АД ЕСМ како основач и е во сопственост на државата. Поделбата е еден од главните процеси или работи кои треба да бидат што поедноставни и лесни до склучувањето на веќе објавениот договор со странскиот инвеститор. Ова ќе го потпомогне процесот, бидејќи целиот имот на „Попова Шапка“ ќе ѝ се префрли на новата компанија и таа ќе биде чиста компанија без долгови“, изјави Aдем Авзиу.

Поделбата на Попова Шапка и нејзиното функционирање во посебни делови беше побарано и од невладиниот сектор.

Во наредните денови се очекува да започне и скијачката сезона. И покрај напорите за подобрување на состојбата на терен од страна на менаџментот на центарот и локалната самоуправа, оваа зима ќе биде полна со предизвици и со стари проблеми, почнувајќи од немањето на доволно паркинг места, отпадоците, лошата патна инфраструктура, немањето на жичара, лошите услови и друго.

Ревитализацијата на „Попова Шапка“ беше и дел од Националната стратегија 2021-2027 на екс-премиерот Зоран Заев.