Македонија Тече рокот за тужби на партиите до Управениот суд

Тече рокот за тужби на партиите до Управениот суд

Тече 24-часовниот рок за тужби по решенијата на Државната изборна комисија (ДИК). Од ДИК синоќа најавија дека правната служба на комисијата ќе ги подготви и ќе им ги достави Беса и на коалицијата предводена од СДСМ решенијата за 13 приговори за кои веќе донесе одлука.

По поднесувањето на тужбите, пет судии од Управниот суд, избрани по пат на ждрепка, во рок од 48 часа на јавна седница треба да одлучат како ќе се постапува по тужбите, а одлуките во рок од 24 часа треба да се објават на веб-страницата на судот, како и на веб-страницата на ДИК. Одлуките на Управниот суд треба да го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.

ДИК пред два дена почна да одлучува по приговорите на партиите, но поради пробивање на законски предвидените рокови во роковникот за изборите, истите се пролонгирани. Поради тоа, конечните резултати од предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември, би можело да бидат објавени најдоцна на 21 декември, односно по одлуката на Управниот суд, доколку нема прегласување на некое избирачко место. Во случај да има прегласување, тоа треба да се одржи на 25 декември.