Македонија Ташевска-Ременски: 134 починати лица од Тетово примале парична помош

Ташевска-Ременски: 134 починати лица од Тетово примале парична помош

Мнистерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, информираше дека за 134 починати лица од Тетово и од Тетовско и по нивната смрт се исплаќал паричниот надомест за помош и нега од друго лице. При тоа, како што појасни Ременски, извршена е неоснована исплата на 1.818.996 денари или близу 30.000 евра.

„Центарот за социјални работи во Тетово не постапил по службена должност како законска обврска од член 181, став 1, член 189, став 2, член 191 и членовите од 209 до 213 од Законот за социјална заштита, а со тоа не ја утврдил настанатата промена во условите за користење на правото на надомест за нега од друго лице. Поради ова, и по престанокот на условите за стекнување на правото, односно по настаната смрт, центарот не донел решение за престанок на користењето на правото, што довело до неосновано користење на правото и до неоснована исплата на средства по смртта на корисниците“, изјави Ташевска-Ременски.

Дополнително било утврдено дека тројца од 134-те починати лица за кои продолжило правото на туѓа нега и по нивната смрт, сè уште фигурираат во избирачкиот список, за што од Министерството за труд и социјална политика ќе ги известат Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија.