Македонија Таравари: Куршумот потсетува на Италија кога мафијата го уби Фалконе

Таравари: Куршумот потсетува на Италија кога мафијата го уби Фалконе

На било кој што го фрлил тој куршум, му велам дека и тешка артилерија да користи, промената почна и не може ништо да ја запре!, вели лидерот на Алијансата за Албанците во својата реакција преку социјалните мрежи

Фото: ФБ страна на Арбен Таравари

Откако денеска во раните утрински часови беше пронајден куршум во дворот од неговата куќа, попладневo реагираше претседателот на Алијансата на Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

„Жал ми е за моето семејство и особено за мајка ми која особено лошо ја доживеа оваа ситуација. Жал ми е за тие политичари кои покажуваат дека нивниот аргумент да замолчи нечиј глас се куршумите, куршуми кои ме потсетуваат на Италија од 1992 година каде мафијата го уби познатиот судија Џовани Фалконе… Но, до тука ми е жал… тука завршува моето жалење и започнува мојата радост затоа што разбирам дека оние што ја држеа оваа земја како заложник се во очај на загуба! Секој што ќе остане без зборови, а му остана само куршумот е во голема неволја… На било кој што го фрлил тој куршум, му велам дека и тешка артилерија да користи, промената почна и не може ништо да ја запре!“, вели Таравари во својата реакција преку социјалните мрежи.

Понатаму во реакцијата Таравари подвлекува дека и да го убијат него, „би убиле само еден човек, а што е со илјадниците и стотиците илјади луѓе кои веќе се на нозе?“

„Срцето планина ми го направивте! Ја почнавте промената. Со или без мене – промената се случи!“, пишува Таравари.

Викендов кулминираше внатрепартиската битка во Алијанса за Албанците, меѓу лидерот на партијата Арбен Таравари и претседателот на партиското Централно собрание Зијадин Села, која постоеше и претходно, но зовре при отворањето на прашањето за коалицирање на претстојните избори. Утринава, неиспукан куршум од автоматско оружје утринава беше пронајден пред куќата во која живее Таравари во Гостивар. Според полицијата, станува збор за зрно од автоматско оружје калибар 7,62 милиметри.

Вчера пак, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, кој е поддржувач на Села, беше нападнат во ресторан во Тетово.

Врие во Алијанса за Албанците, на конец виси тандемот Таравари-Села