Забава Тапанарот на „Еј-Си/Ди-Си“ осуден на домашен затвор

Тапанарот на „Еј-Си/Ди-Си“ осуден на домашен затвор

Фил Руд, тапанарот на легендарната рок-група „Еј-Си/Ди-Си“ (AC/DC), е осуден на осум месеци домашен затвор во Нов Зеланд поради поседување дрога и закани за убиство, пренесува „Би-Би-Си“.

Тој првично ги отфрлил обвинувањата, но подоцна го сменил исказот.

Шеесет и едногодишниот Руд, кој е родум од Австралија, според обвинението, се заканил дека ќе „исчисти“ еден од своите вработени.

Згора на тоа, кога полицијата отишла да го испраша за случајот со заканите, во неговиот дом пронашла и марихуана и метамфетамин.

Руд ќе ја издржува казната во својот дом на плажа во Туаранга, но бил предупреден од судијата дека ако ги прекрши условите, веднаш ќе биде однесен во затвор, јавуваат медиумите во Нов Зеланд.

Познатиот тапанар се соочувал со казна од седум години поради заканите за убиство.