Дописници Талески: Блиску е крајот на вампирската политика на СДСМ

Талески: Блиску е крајот на вампирската политика на СДСМ

Само неколку часа пред да одекнат „бомбите“ на Заев во Битола, битолскиот градоначалник Владимир Талески излезе на прес-конференција со напади и со обвинувања на адреса на опозицијата и на нивиот проект „Вистината за Македонија“.

Како ретко кога, Талески се појави на партиската говорница на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, зборувајќи дека блиску е крајот на вампирската политиката на СДСМ, која бара крв, немири и граѓанска војна.

– „Бомбите“ на СДСМ не се новина за битолчани, ги имало и во минатото. Граѓаните имаат штета од СДСМ и кога е на власт и кога е во опозиција. Нивни карактеристики се отпуштање од работа, ароганција, корупција, закани, мобинг, уцени, сеење страв, распаднати институции и објекти, уништети јавни претпријатија – рече Талески на прес-конференцијата во Битола.

Тој потсети на досегашните „бомби“ во Битола со затворањето на речиси 20 фабрики и со отпуштањето на најмалку 10.000 работиници. Најголемата, „атомска бомба“ на СДСМ во Битола е ТАТ, рече Талески споредувајќи ја со „бомбите“ во Хирошима и во Нагасаки.

На крај, Талески потсети на проектите и на успесите на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
– За луѓето судиме според нивните дела, а не според нивните зборови – рече Талески во контекст на прислушуваните разговори.

А.Б.