Главна секција Талат Џафери избран за спикер, демонстранти влегоа во Собранието

Талат Џафери избран за спикер, демонстранти влегоа во Собранието

Парламентарното мнозинство попладнево го избра пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, за нов претседател на Собранието на Република Македонија.

Претседавач на конститутивната седница беше пратеникот Ферид Мухиќ, како втор по возраст пратеник во Собранието, бидејќи најстариот, Бранко Манојловски, не беше присутен. Мухиќ за свои заменици ги избра Горан Мисовски и Џевад Адеми, а изборот на Џафери за спикер го водеше Мисовски, додека во заднина во пленараната сала, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „ова е пуч“ и „срамота“, и ја пееја македонска химна.

Откако беше избран со 61 гласа „за“, Џафери даде свечена изјава и се потпиша, по што се обрати на албански јазик. За изборот на Џафери не гласаа пратениците на Беса и на ДПА.

По изборот на Џафери во Собранието, граѓаните кои протестираат под водство на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и кои беа пред главниот и службените влезови на Собранието, влегоа внатре.

Полицијата околу зградата на Собранието засега е присутна во незначителн број, но според засега неофицијални информации, специјални полициски единици со оклопни возила биле упатени кон Собранието.