Свет Балкан Таксистот од Кочани пуштен од полициската станица во Поликастро

Таксистот од Кочани пуштен од полициската станица во Поликастро

Таксистот од Кочани кој беше зафатен од поплавите кај Кукуш е ослободен од грчките полициски органи и ќе се врати во Македонија.

Кочанeцот вчера беше дел од човечка трагедија во Грција кога, поради лошите времески услови, возилото со кое управуваше и пренесуваше грчки државјанин од Македонија кон Грција, падна во канал за наводнување меѓу Поликастро и Кукуш. Таксистот успеа да се извлече од возилото, меѓуоа неговиот патник не успеа да се спаси и загина во поплавата.

Кочанецот изутринава беше повикан во полициската станица во Поликастро за да даде изјава за несреќниот случај пред полициските органи. На испитот присуствуваше адвокат за помош при изјавата и при преводот. По изјавата таксистот беше пуштен на слобода и ги чека претставниците на такси-компанијата од Кочани за да се врати во Македонија. Возилото ќе може да се земе и врати во Македонија штом се смират временските непогоди и штом се исуши земјата кај каналот.

За случајот беше известен македонскиот конзулат во Солун, кој помагаше и беше постојано во контакт со 42-годишниот кочанец од првиот момент кога беше повикан во полициската станица во Поликастро сè до неговото ослободување.

Несреќата се случила вчера, на дел меѓу Кукуш и Поликастро. Такси-возилото со македонски регистарски таблички го пренесувало грчкиот граѓанин од Кочани кон Кукуш. Според информациите во грчките медиуми, при движењето по селски пат и при обид да се сврти, возилото паднало во канал за наводнување кој бил зафатен од обилните дождови и поплави кај Кукуш и кај Поликастро.

Таксистот успеал да се извлече од возилото, но неговиот патник не успеал да излезе. Таксистот веднаш повикал помош и ја алармирал полицијата, која за кратко време стигнала на местото на настанот. Цела ноќ се барало возилото и патникот, а телото и автомобилот биле најдени дури изутринава.

Загинатиот патник е еден од двете жртви на невремето што ја зафати Северна Грција вчера. Во Солун, поради поплавите, животот го изгуби 50-годишен маж, чие тело беше најдено во река во населбата Неа Филаделфија во Солун.

M.П.