Проверка на факти СЗО: За Рамазан може да се пости како и претходните години

СЗО: За Рамазан може да се пости како и претходните години

По информациите дека Рамазанските пости се штетни за време на пандемијата и дека може да поттикнат експлозија на Ковид-19, затоа што физичкиот стрес ѝ помага на болеста, Светската здравствена организација (СЗО) објави упатство во врска со постењето на муслиманите во светиот месец Рамазан. СЗО потврдува дека луѓето можат да постат како порано.

„Не е извршена никаква студија за постењето и ризикот од инфекција со КОВИД-19. Здравите луѓе треба да можат да постат во текот на овој Рамазан, исто како и претходните години“, се вели во упатството на СЗО објавено на 15 април.

Истовремено, од луѓето погодени од вирусот се бара да не постат и да се консултираат со нивните лекари, како што би правеле при која било друга болест.

Во упатството се повторуваат општи совети во врска со физички активности, собири итн. СЗО, исто така, внимание посветува и на организирањето ифтари, барајќи тие да се одржуваат на отворено. При собирите за ифтари, важно е да се одржи физичката дистанца, се вели меѓу другото во упатството на СЗО. Совет на СЗО е да се користат кутии, а храната да се пакува пред да се служи, за да се избегне физички контакт.

Друг совет е молитвите да се организираат на отворено. Во случај собири за ифтар или молитва се одвиваат во затворен простор, СЗО бара да се обезбеди соодветна вентилација, и притоа повикува секогаш да се почитува растојанието помеѓу присутните. Во меѓувреме, во Саудиска Арабија е решено молитвите да се вршат дома, пренесува „Ал Џезира“.

„Скратете го времетраењето на настанот колку што е можно за да се ограничи можната изложеност“, е една од точките во упатствата, при што се бара приоритет да се даде на организирањето настани со помалку присутни, а однесувањето да не е како вообичаено кога се одржуваат големи собири.

Рамазан започнува следната недела, 24 април и трае до 23 мај.

Дрен Гргури