Свет Балкан Свилановиќ: Повеќе од 70 лица во Западен Балкан се осудени за тероризам

Свилановиќ: Повеќе од 70 лица во Западен Балкан се осудени за тероризам

Од 2016 година до денес судовите во регионот на Западен Балкан осудија и затворија повеќе од 70 лица за тероризам и за учество во странски боишта, со вкупни пресуди од над 380 години – изјави денеска во Тирана генералниот секретар на Регионалниот совет засоработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Зборувајќи на работен состанок на претставници на полициски и правосудни органи од земјите на Западен Балкан и други меѓународни претставници, Свилановиќ предупреди дека се регистрирани и се формираат нови видови терористички активности, особено во кибернетичкиот простор и има радикализација преку интернет, со што се наметнува потреба за проширување на регионалната соработка.

Претставниците од регионот расправаат за правните и полициските практики во слуачите на тероризам и насилен екстремизам, за процедурите на класификација и декласификација на документите во судовите за ваквите случаи, како и за унапредување на соработката помеѓу полициските органи и правосудството, во прекуграничната борба против тероризмот.

Ден претходно, како што соопшти РСС, во Тирана се одржа 10-тиот состанок на експертскиот Форум на кој учествуваат шефовите на воено-разузнавачаките агенеции од Југоисточна Европа. Тие разговарале за безбедносната состојба во регионот и направиле проценка на податоците од отворени извори, собрани во документот наречен „Предизвиците во кибернетичката безбедност –критична инфраструктура во Југоисточна Европа“.

Денешниот собир во Тирана го организираат албанската влада и Регионалниот совет за соработка – интервладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.