Видео Светските медиуми ја пренесоа веста за вонредните избори

Светските медиуми ја пренесоа веста за вонредните избори

Немири во Македонија: ЕУ посредниците со план за предвремени избори“, „ЕУ посредниците договорија предвремени избори во непослушната Македонија“, „Предвремените избори во Македонија наводно се врзани со договор за транзициона влада“, „Македонија ќе одржи избори во април 2016“ се дел од насловите со кои светските медиуми јавуваат за вчерашниот договор за надминување на политичката криза во Македонија. Повеќето медиуми ги пренесуваат информациите на водечките новински агенции, АФП, „Асошиејтед прес“, ДПА и „Ројтерс“, во кои се пренесува изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, дадена по лидерската средба.

Договорот меѓу лидерите на четирите главни политички партии во земјата, меѓу кои се и политичарите на албанското малцинство, би можел да претставува крај на неколкумесечните немири кои почнаа откако опозицијата објави дека Владата незаконски прислушувала илјадници граѓани, пишува „Јуроњуз“.

Весникот „Вол стрит џурнал“ јавува дека во согласност со вчерашниот договор, Груевски се согласил да се одржат избори за две години, а за возврат СДСМ ќе го прекине бојкотот на Собранието и ќе го замрзне објавувањето „бомби“.

Сепак, „Ројтерс“ коментира дека е нејасно како договорот ќе го реши прашањето кој ќе ги организира изборите, имајќи предвид дека опозицијата ја обвини Владата дека ги украла претходните парламентарни избори во 2014 година.