Македонија Сведок во „Диво Насеље“: Полицијата бараше злато и дрога

Сведок во „Диво Насеље“: Полицијата бараше злато и дрога

На денешото рочиште од судењето за настаните од Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, пред судот искази дадоа тројца сведоци, предложени од обвинителството. Двајца од нив беа ќерката и сопругата на обвинетиот Фадиљ Фејзулаи, кој, според обвинителниот акт, им ја издал куќата на членовите на вооружената група.

Ќерката, Артизана Фејзулаи, на прашања од обвинителите, рече дека утрото на 9 мај, околу 5 часот, полицијата дошла пред нивната куќа на Романовски пат и почнала да пука. Според нејзиното сведочење, полицајците ја скршиле вратата и влегле внатре.

– Во пет часот бевме опколени целата фамилија и не знаевме што се случува. Имаше многу малтретирање и тепање и искршени врати. Не знаевме зошто дојде полицијата. Го бараа татко ми, но не го најдоа – рече Артизана Фејзулаи.

На прашање на обвинителот зошто не го нашле, таа одговори дека имал друштво и одел во кафеани и дека татко ѝ не кажувал каде оди.

Таа рече дека пред четири години живееле во Диво Насеље, а потоа се преселиле и живеат на Романовски пат.

Нејзината мајка, Фикрие Фејзулаи, рече дека полицајците, кога влегле во куќата, барале злато и дрога.

Сите сведоци рекоа дека пред 9 мај не забележале ништо невообичаено и сè било нормално и мирно. Иако беа предвидени четири сведоци, едниот не сведочеше бидејќи обвинителството, но и адвокатите на одбраната проценија дека не е во можност да даде исказ поради здравствената состојба.

Денеска новинарите што го следат судскиот процес, рочиштето го проследија на телевизор во библиотеката на Основниот суд Скопје 1.