Главна секција Судот денеска или утре ќе одлучува за притворот на осомничените од 27...

Судот денеска или утре ќе одлучува за притворот на осомничените од 27 април

Кривичниот суд од Скопје денеска, а најдоцна утре треба да одлучи по барањето на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција за продолжување на притворите на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чаквов, Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и уште петнаесетина осомничени за насилствата во Собранието од 27 април оваа година.

Од Судот за „Мета“ потврдија дека го добиле барањето на обвинителството, но, неофицијално, за сега не е одлучувано по него и дека тоа треба да се случи денеска или најдоцна до утре кога на оваа група осомничени им истекува притворот што првично им беше одреден.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера побарало од Кривичниот суд да им ја продолжи мерката притвор на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април.

Утре им истекува притворот на 19 осомничени, на 29 декември на двајца, а на 30 декември на едно лице.

На шестмината пратеници во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски – кои добија притвор и Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски – на кои судот им одреди домашен притвор, мерките им истекуваат на 5 јануари, бидејќи за нив судот одлучуваше подоцна оти се чекаше од Собранието да им го одземе пратеничкиот имунитет.