Македонија Судијката ги прифати доказите на СЈО за „Тврдина 2“, Грујовски се изјасни...

Судијката ги прифати доказите на СЈО за „Тврдина 2“, Грујовски се изјасни за невин

Првоосомничениот во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина 2“, Горан Грујовски на денешното рочиште се изјасни како невин и ги одби сите наоди презентирани во обвинението. Како невини се изјаснија и шесте службенички кои се дел од обвинетите во случајот. Сите обвинети се товарат за уништување на службена документација поврзана со набавка на опремата за незаконското прислушување.

Судијата Лидија Петровска го одби барањето на одбраната Грујовски за издвојувањето на доказите со одреден степен на класификација доставени од СЈО.

Според оценката на судијката, доказите се прибавени согласно законските одредби. На ова реагираше адвокатот на обвинетиот, кој побара од СЈО да образложи кои докази се обезбедени со одобрение, што судијката не го дозволи и рече дека по пресудата одбраната ќе има право на жалба.

Обвинението СЈО го презентираше обвинението без присуство на новинарите бидејќи станува збор за класифицирани документи.

Петровска на денешното рочиште донесе решение за отпочнување на главна расправа на 3 јули во 11 часот.