Дописници Стружани со поддршка за оспорување на уставноста на законите за хонорарци

Стружани со поддршка за оспорување на уставноста на законите за хонорарци

Центарот на заедницата при локалната самоуправа во Струга се приклучи кон акцијата на Платформата за граѓанска политика „Ајде“ за оспорување на уставноста на пакетот од осум закони со кои на хонорарците им се наметнува обврска за плаќање придонеси за здравствено и за пензиско и инвалидско осигурување, јавуваат од агенцијата.

Од Центарот повикуваат секој полнолетен граѓанин да се приклучи на иницијативата преку пополнување формулар, секој работен ден од 9 до 16 часот, сè до 6 април годинава. Иницијативата ќе биде поднесена до Уставниот суд.

– Со пакетот неуставни закони се прекршуваа уставното право на еднаквост и на работа, како и принципот на владеење на правото и забраната за повратно дејство на законите – велат од центарот.

Иницијативата е подготвена во консултативен процес со граѓанските и со еснафските здруженија и со неа се бара Уставниот суд да донесе привремена мерка за запирање на примената на законите, одржување јавна расправа во Судот и, конечно, поништување на спорните закони.