Дописници Струшко Мислешево како мала Венеција

Струшко Мислешево како мала Венеција

Обилните врнежи од дожд и од снег што деновиве ја погодија Република Македонија, предизвикаа поплави и во регионот на Охрид и на Струга. Порталот „Охрид прес“ објави фотографии кои за струшкото село Мислешево одаваат впечаток на мала Венеција.

Делови од селото се околу 50 сантиметри под вода. Под вода е и дел од полето од Мислешево кон аеродромот „Св.Апостол Павле“. Жителите на селото велат дека штетите од поплавата се големи и бараат помош од надлежните институции. Реката Сатеска носи големи, натпросечни количества вода, со што ја презаситува почвата.
Покрај регионалниот пат Охрид – Струга формирани се мали езерца. Минијатурни езерца има низ парковите во Охрид, покрај езерскиот брег. Студенчишко блато, кое е природно одлагалиште на вишокот вода, исто така, е презаситено. И таму се формираат езерца, на потегот од Студенчишки мост кон Горица.

Водата навлезе и во многу ниски и подрумски простории во Охрид. Жителите од најзагрозените подрачја ги посети градоначалникот Никола Бакрачески и им вети помош.

Снегот што во Охрид и во Струга падна ноќта сабота спроти недела, дождот и позитивните температури го истопија, но сега повторно врне нов снег.