Дописници Струшките средни училишта побараа зајакнато полициско присуство

Струшките средни училишта побараа зајакнато полициско присуство

Раководствата на двете струшки средни училишта доставија писмено барање до Министерството за внатрешни работи за поголемо присуство на полиција пред училишните објекти.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, потврди дека до полициската станица во Струга пристигнало барање за присуство на полициски службеници околу училиштата, за превентивно дејствување и за задржување на поволна безбедонсна состојба.

Директорот на гимназијата „Ибраим Темо“, Џеладин Муча, за телевизијата „Алсат М“ вели дека тоа е за да се зголеми безбедноста, но и поради неколку инциденти кои се случиле во изминатиов период во близина на училиштата. Вели дека, за среќа, тие немале меѓуетнички предзнак, а повеќето биле од помал карактер. Но, ваквите настани се случуваат секогаш во период пред одржување на избори.

– Тоа не ни се допаѓа, иако овие инциденти не се од меѓуетнички карактер. Тие се присутни секогаш пред избори и сме имале меѓуетнички инциденти и несогласувања, меѓутоа сега, за среќа, инцидентите не беа меѓуетнички. Секогаш кога има вакви работи, ние сме многу внимателни – вели Муча.

Во периодот кој ќе следи, континуирано ќе се разговара со децата во рамки на класните часови. Но, прашање е како да се спречи присуство на политиката во училиштата?

– Тоа е многу тешко, бидејки децава се нон-стоп на телевизија, гледаат вести, опкружени се со таа ситуација. Можеби најголема улога овде би играла соработката со родителите. Многу е тешко да се спречи тоа, особено кај децата од трета и од четврта година – вели педагогот Светлана Симакоска.