Ctrl - Z АРТ „Страв од непознатото“, деветта изложба на уметницата Христина Маркоска

„Страв од непознатото“, деветта изложба на уметницата Христина Маркоска

Маркоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на смерот вајарство, во класата на проф. Жарко Башески

Фото: Лична архива

Уметницата Христина Маркоска ја имаше својата деветта изложба насловена како „Страв од непознатото“, во Домот на културата АСНОМ во Гостивар. Маркоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на смерот вајарство, во класата на проф. Жарко Башески, а магистрирала во2013, под менторство на проф. Гоце Наневски.

Фото: Лична архива

„Симболизмот може да го издвоиме како круцијален елемент во најновиот проект на Христина Марковска насловен „Страв од непознатото“, без оглед дали е директен – преку реално претставени референтни модели, или, пак, асоцијативен, минимизиран и суптилно редуциран“, рече на изложбата Маја Чанкулоска, историчарка на уметност.

Таа кажа дека од психолошка гледна точка, стравовите од најраната возраст не постојат, тук тие се стекнуваат и создаваат преку реално влијание врз личноста.

„Следствено на ваквата позиционираност на елементите, и контрадикторно на самиот наслов, овој сегмент во делото на Христина Марковска не е продолжение на протагорината философија во која „човекот е мерило на се“, туку е архетип на Диогеновата потрага по човекот, носејќи ја со/во себе сета симболика на боженствената светлина во секој од нас, како и крајно хуманистичката порака за личниот стремеж кон вистината, добрината, разумот, напредокот“, додаде Чанкулоска.