Економија Стопанските комори со нови предлог-реформи во земјоделскиот сектор

Стопанските комори со нови предлог-реформи во земјоделскиот сектор

Четирите стопански комори испратија официјален допис до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да се поттикне дискусијата и решавањето на проблемите кои ги засегаат микро, малите и средните претпријатија од земјоделскиот бизнис-сектор.

Тие бараат укинување на скалестиот систем на субвенционирање во земјоделството, а имаат и предлози за измена на Закон за семенски и саден материјал за земјоделски растенија.

„Преку овие активности стопанските комори повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики кои ја засегаат бизнис-заедницата, со цел да се избегнат непоправливите штети кои би можеле да му се нанесат на македонското стопанство, како резултат на законските решенија во кои не се земени предвид сите релевантни фактори“, се вели во соопштението на „Епи центар“.

Овие активности се дел од Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од „Епи центар Интернационал“ во партнерство со четирите стопански комори Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.