Македонија Столтенберг загрижен за растечките тензии во Западен Балкан

Столтенберг загрижен за растечките тензии во Западен Балкан

Столтенберг во пресрет на состанокот изјави дека НАТО ќе ја обезбеди стабилноста во Западен Балкан, бидејќи тоа е важно за цела Европа

Фото: Архива, Влада на Република Северна Македонија

НАТО ќе направи сè што е неопходно за да се обезбеди безбедност во регионот на Западен Балкан, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Министрите за надворешни работи на земјите-членки денеска се сретнаа во Брисел, при што главните теми за дискусија се конфликтот на Блискиот Исток, состојбата во Украина и случувањата во регионот на Западниот Балкан.

Столтенберг во пресрет на состанокот изјави дека НАТО ќе ја обезбеди стабилноста во Западен Балкан, бидејќи тоа е важно за цела Европа.

„Она што го гледаме таму е дека тензиите растат. Зголемени тензии и потпалувачка реторика во Босна и Херцеговина. Видовме сериозни насилни инциденти на Косово, вклучително и напад врз мировниците на НАТО, кога 93 војници беа повредени, некои од нив со сериозни повреди. Видовме напад во селото Бањска“, рече Столтенберг во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Алијансата.

Во попладневните часови на министрите од НАТО денеска ќе им се приклучи и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. Генералниот секретар на НАТО нагласи дека за начините за зајакнување на стабилноста во регионот на Западниот Балкан, министрите ќе разговараат и со високиот претставник на ЕУ, Борел. Во тој контекст, Столтенберг потсети дека НАТО веќе испрати 1.000 дополнителни војници на Косово, а разгледува и „потрајно зголемување“ на својот мировен контингент.

Министерскиот состанок продолжува и утре претпладне со првото заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за надворешни работи, на кој ќе учествува и украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба.