Свет Европа Столтенберг: Русија и Исламска држава се главни предизвици за НАТО

Столтенберг: Русија и Исламска држава се главни предизвици за НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека Русија и Исламска држава се „двата главни, меѓутоа различни предизвици со кои се соочува НАТО на истокот и на југот“.

Тој рече дека главната причина за неговата посета на Вашингтон се разговорите за претстојниот самит на Алијансата во Варшава, каде ќе стане збор за зајакнува на одговорот кон Русија, која е „одговорна за агресијата над Украина“, како и дека „НАТО ќе настојува да го зајакне својот придонес во борбата против Исламска држава“.

На прашањето дали е можен дијалог со Русија, генералниот секретар на Алијансата одговори дека „дијалогот е неопходен за да не дојде до нова Студена војна“.

– Важно е да не се случуваат инциденти, како соборување на рускиот авион над турска територија. Различните механизми на транспарентност се важни за тешката ситуација да не стане уште потешка – вели Столтенберг.

Запрашан дали НАТО планира понатамошно проширување, Столтенберг рече дека Алијансата моментално е ангажирана во процесот на примање на новиот член, Црна Гора.