Македонија Столтенберг: Иванов да го повлече помилувањето за да останат шансите за НАТО

Столтенберг: Иванов да го повлече помилувањето за да останат шансите за НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ја предупреди Македонија да не дозволи политичката криза да и ги урне надежите за влез во Северноатлантската алијанса, јавува „Ројтерс“

Во својата прва реакција за кризата, Столтенберг го повика претседателот Ѓорге Иванов да го повлече помилувањето на политичарите и нивните соработници.

– Вратата на НАТО e сè уште отворена, но особено е важно лидерите во земјата да се справат со проблемот на владеењето на правото, а тука спаѓа и повлекувањето на неодамнешното помилување кое го даде претседателот – рече Столтенберг, додавајќи дека мора да се обезбедат минималните услови за нормален политички и демократски живот во земјата.

Уставниот суд денеска ги замрзна изборите и изборната кампања, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски закажа итна седница на која покрај утврдување на оставките на министрите од техничката влада, ќе се разговара и за измена на Изборниот законик.

Европската комисија и Амбасадата на САД во Македонија ја поздравија одлуката на Уставниот суд, но порачаа дека аболицијата мора да биде укината.