Македонија Ставрески: ДИК ќе добие вработувања колку што е потребно

Ставрески: ДИК ќе добие вработувања колку што е потребно

Министерството за финансии дало согласност за 11 нови вработувања во Државната изборна комисија. Ќе се обезбедат средства и за другите потреби на ДИК, за да може навреме да ги заврши сите подготвителни активности околу прочистувањето на избирачкиот список. Ова го изјави министерот Зоран Ставрески по работниот состанок на Министерството за финансии и на Државната изборна комисија.

На состанокот биле разгледани сите аспекти во кои Владата и Министерството за финансии можат да помогнат за ефикасно работење на ДИК.

– Ги разгледавме кадровските прашања и потреби на ДИК и утврдивме дека сите вработувања што ќе бидат потребни, Министерството за финансии и Владата ќе ги одобрат. Сакаме ДИК навреме да ги заврши сите подготвителни актвиности околу прочистувањето на избирачкиот список и другите активности во нејзина надлежност – рече Ставрески.

Министерот додаде и дека покрај вработувањата, разговарано било и за другите потреби на ДИК, како што се обезбедување простор за подрачните одделенија и возила. Ставрески вети дека за сè што треба, ДИК ќе добие помош.