Дописници Старица почина од студ во пехчевско Црник

Старица почина од студ во пехчевско Црник

Поларната температура во Малешевијата ја зеде првата жртва. Ноќеска околу полноќ 80-годишна старица паднала во ходникот на семејната куќа, каде останала во текот на целата ноќ. Премрзната, со слаби знаци на живот, старицата изутрината ја нашол член на семејството. Веднаш дошла итна медицинска помош, чија екипа три часа се борела за животот на жената.

– Ги применивме сите мерки за реанимација, применивме електрошокови и соодветна терапија, но, за жал, пацинетката почина – изјави доктор Гоце Стојменовски, раководител на итната медицинска помош од Делчево.

Ова е втор случај на премрзнување на жител во беровско-делчевскиот крај. Пред измрзнување, на Бадник, бил пронајден паднат во дворот 57-годишен делчевец. За среќа, човекот бргу бил пронајден, по што му била пружена лекарска помош, што му го спасило животот.

Малешевијата изминатите денови ја зафати екстремно ниска температура. Деновиве беа измерени минус 28 Целзиусови степени, што е блиску до рекордните минус 31 степен од 1954 година.