Свет Стапи на сила Спогодбата за трговија со оружје

Стапи на сила Спогодбата за трговија со оружје

Новиот меѓународен договор со кој се регулира 85 милијарди долари вредната глобална трговија со оружје и муниција, денеска стапува на сила.

„Активистите насекаде во светот го поздравија ова како голема победа бидејќи по повеќедецениско заговарање, Спогодбата за трговија со оружје (АТТ), конечно ќе стане меѓународно задолжителна“, наведува невладината организација „Иницијатива на преживеаните од мина“ во соопштението за јавност.

Невладинава организација тесно соработуваше со „Контрол армс“, глобална коалиција за контрола на вооружувањето за Спогодбата за трговија со оружје да стане реалност.

Со Спогодбата за трговија со оружје се воспоставуваат највисоки стандарди за прекугранични трансфери на оружје и на муниција и за прекин на доставување оружје на диктатори и на оние што ги кршат човековите права.