Македонија Станишев: Кризата ѝ ги загрозува евроинтеграциите на Македонија

Станишев: Кризата ѝ ги загрозува евроинтеграциите на Македонија

Европските социјалисти сметаат дека почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ може да има позитивно влијание врз земјата и да даде поттик за напредок во проблематичните области, вклучувајќи ги и отворените билатерални прашања, изјави заменик-претседателот на Заедничкиот комитет за парламентарна соработка на ЕУ и на Македонија, бугарскиот европратеник и лидер на ПЕС, Сергеј Станишев.

– Оваа одлука, сепак, нема да биде „подарок“, туку последица на постигнати резултати од јасните критериуми – изјави Станишев, пред денешната посета на Скопје.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент вчера го усвои извештајот за напредокот на Македонија и по деветти пат дава препорака до Комисијата за почеток на преговори за членство со ЕУ. Досегашните препораки остануваат нереализирани поради спорот за името со Грција, како и поради недостиг од напредок во областа на добрососедските односи, пишува бугарскиот „Офњуз“.

Европратениците, како што наведува порталот, сепак, упатуваат и сериозни критики кон актуелната политичка поларизација, судството, слободата на изразување и на медиумите, пројавите на екстремен национализам, кој ги продлабочува линиите на поделба во општеството и друго.

Станишев, исто така, оцени дека кај македонската Влада недостига вистинска волја за практични чекори кон заедничко чествување на познати датуми и историски личности, објективна интерпретација на историјата. Тој, во предложените текстови кон резолуцијата, бара да се обрне особено внимание и на одговорноста на Владата за обезбедување дијалог со опозицијата и со граѓанското општество, особено при донесувањето ново законодавство и уставни измени.

Станишев оцени дека последните политички превривања во земјата ги ставаат под знак прашање демократските принципи и вредности на Македонија.

– Откритијата на лидерот на опозициската партија СДСМ, Зоран Заев, за масовни прислушувања, контрола над медиумите и за други неправилности, го ставаат под прашање не само напредокот на Македонија кон евроинтеграциите, но и основните демократски принципи и вредности. Одржувањето на независна и објективна истрага за случајот ќе биде сериозен тест не само за судскиот систем, туку, исто така, и за слободата на медиумите во земјата. Продлабочувањето на политичкиот судир меѓу владата и опозицијата го спречува одржувањето на конструктивен политички дијалог, а неговото место е во Собранието. Отсуството на опозицијата во парламентот го поткопува легитимитетот на тековните политики и прифаќање законодавство; и двете страни имаат одговорност пред сите граѓани на Македонија за наоѓање излез од оваа ситуација во името на заедничката цел за членство во ЕУ и економски и социјален просперитет – оцени Станишев.