Македонија ССНМ: Новинарите од „Вест“ се приклучија на штрајкот во МПМ

ССНМ: Новинарите од „Вест“ се приклучија на штрајкот во МПМ

Новинарите и медиумските работници од редакцијата на дневниот весник „Вест“ донеле одлука да се приклучат на штрајкот што минатата недела го најавија нивните колеги од „Утрински весник“ и од „Дневник“, на издавачот „Медиа принт Македонија“ (МПМ), соопшти денеска Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Новинарите на „Вест“, како што соопшти ССНМ, денеска формирале штрајкувачки одбор и го известиле менаџментот дека заедно со колегите од другите изданија на МПМ почнуваат со прекин на работата на 17 февруари. Нивните барања се исто така итна исплата на платата за декември и исплата на платата за јануари најдоцна до 15 февруари.

Одлуката за штрајк во МПМ денеска добила поддршка и од Меѓународната и од Европската федерација на новинари.

„Ова е целосно неприфатливо. Како можат колегите да си ја вршат работата кога не се платени? Читателите и другите членови на новинарската заедница треба да ја поддржат оваа борба бидејќи се кршат правата на работниците и се загрозува правото на јавноста за пристап до информации. Ние се солидаризираме со нашите колеги“, навеле од двете новинарски организации, информира ССНМ.