Македонија ССНМ: На новинарите не смее да им се забрани да кажуваат личен...

ССНМ: На новинарите не смее да им се забрани да кажуваат личен став на социјалните мрежи

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро протестира против компанијата што ги издава и печати „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, како и други дневни и неделни изданија, бидејќи ги уценува, понижува и дискриминира новинарите, со договори за работа во кој им забранува изнесување лични ставови во комуникација на социјални мрежи.

„Ставот од договор во кој на новинарите, божем, им се сугерира, а де факто им се забранува да изразуваат политички ставови, во ситуација на штотуку завршен круг на отпуштања и намалени плати, не може да биде разбран поинаку, освен како уште еден начин за замолчување на новинарите, ограничување на слободата на говор и нарушување на основните права и слободи на човекот“, велат од ССНМ.

Од синдикатот додаваат дека точно е дека многу светски медиуми имаат упатства за новинарите и за вработените за нивното учество на социјалните медиуми, но станува збор за упатства, а не за клаузули на договор за вработување.

„Компанијата од страна на ССНМ беше предупредена дека со тоа се крши член 6 од Законот за работни односи, кој забранува дискриминација, се кршат неколку членови од Законот за заштита и спречување на дискриминацијата, но се кршат и уставните права и слободи загарантирани во членовите 8, 9, 16 и 17. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за ова ќе ја извести и меѓународната јавност, а кон компанијата МПМ ќе ги преземеме сите мерки што ни стојат на располагање за да ги поништиме ваквите уценувачки, дискриминаторски и понижувачки договори за работа за новинарите“, се вели во соопштението на ССНМ.