Свет Балкан Српската опозициска лидерка Мариника Тепиќ десетти ден штрајкува со глад

Српската опозициска лидерка Мариника Тепиќ десетти ден штрајкува со глад

Тепиќ во изјава за телевизијата Н1 вели дека нејзината одлука да штрајкува не е насочена кон домашните институции, туку кон меѓународната заедница

Повикот за протест против изборната измама во Србија; Извор на визуелизација: ЦРТА

Српската пратеничка и една од лидерките на опозицијата, Мариника Тепиќ веќе десетти ден штрајкува со глад поради изборните измами што се случија во Србија на 17 декември. Тепиќ во изјава за телевизијата Н1 вели дека нејзината одлука да штрајкува не е насочена кон домашните институции, туку кон меѓународната заедница.

И покрај молбите кои стигнуваат од различни земји за да го прекине штрајкот, Мариника Тепиќ е истрајна во одлуката да го продолжи штрајкот со глад. Таа смета дека веќе е доволно постигнато со фактот што досега во изминатите 12 години не се случило челниците на државите од ЕУ и САД да не му честитаат победа на Александар Вучиќ и Српската напредна партија.

„Никогаш не се случило набљудувачката мисија на ОБСЕ да излезе со драматични заклучоци за потврдите за кражба на изборите и бројните нерегуларности“, истакна Тепиќ.

Како што посочува таа, нејзиниот штрајк со глад е насочен кон меѓународната заедница, од која очекува да воспостави комисија со набљудувачи и правни експерти за сето она што е речено да се сумира во единствен заклучок и да се изврши ревизија на одржаните избори за да би можело да дојде до поништување на изборите.

Во меѓувреме, граѓанската иницијатива „ПроГлас“ ги повика сите граѓани во сабота од 12 часот да дојдат во центарот на Белград, каде што е планиран протест против изборната измама и злоупотребата на волјата на граѓаните. Една од предводниците на „ПроГлас“, актерката Светлана Бојковиќ изјави дека можеби власта на Александар Вучиќ ќе сака да направи хаос и да изврши упад во институциите, а тоа на крајот да го припише на граѓаните кои протестираат, пишува Данас.

„Очекувавме дека со масовната излезност на гласањето ќе бидеме помоќни од злоупотребата на изборниот процес со кој власта веќе со години се користи. Но, масовната преселба на фантомски гласачи од еден дел на земјата во друг и од други држави во Србија, планското и организирано манипулирање со пријавите за престој и избирачкиот список, кои се незабележани во историјата на изборните измами – не можевме да ги надминеме. На овие избори дојде до незапаметено прекројување на изборната волја на граѓаните и граѓанките на Србија“, се вели во писмото на „ПроГлас“ со која ги повикуваат граѓаните на протестот што ќе се одржи во Белград во сабота.