Свет Балкан Средба на балканските стопански комори во Лерин

Средба на балканските стопански комори во Лерин

Македонските стопански комори денеска и утре учествуваат на првата регионална Балканска средба на стопански комори во Лерин, Грција. Средбата се одржува на грчка иницијатива, во организација на Стопанската комора на Кожани и на Лерин, а покрај грчката и македонските стопански комори, учествуваат претставници од коморите на Србија, Бугарија и на Албанија.

Здружувањето на стопанските комори и на претставниците на бизнис-секторот од балканските држави е обид на Стопанската комора во Лерин регионот да се отвори за поголема трговска соработка, инвестиции и за економски развоj. На состанокот ќе присуствува и заменикот на генералниот секретар од Министерството за надворешни работи, Кирјаки Тектониду, претставници од грчкиот јавен сектор и од локалната администрација.

Првиот човек на Стопанската комора на Лерин, Савас Сапалидис, истакна дека со оваа средба се прави обид да се развијат дополнително локалната и регионалната трговија, како и да се воспостави и да се развие нов модел на соработка во поширокиот балкански регион.

Како што истакна Сапалидис, идејата за средба на коморите доаѓа по соработката и билатералните средби на комората од Лерин со битолската и неколку албански комори. Минатата година претставници на стопанската комора и на грчкиот бизнис-сектор ја посетиле Битола и, како што вели Сапалидис, веќе се воспоставени контакти и соработка, позитивни чекори кои ја инспирирале иницијативата за вмрежување на повеќе балкански стопански комори.

Оцените на организаторите се дека овој состанок може да помогне да се развие соработка меѓу помали и средни претпријатија, размена на искуство и на технички познавања, подобро искористување на европските развојни фондови, како и да се договорат заеднички иницијативи и активности за поголема трговска и бизнис-соработка во регионот.