Свет Балкан Србија очекува отворање на новите поглавја со ЕУ до крајот на годината

Србија очекува отворање на новите поглавја со ЕУ до крајот на годината

До крајот на годината, Србија би требало да отвори барем едно ново поглавје во пристапните преговори со Европската Унија, изјавија денеска српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Мајкл Девенпорт.

Дачиќ на редовната конференција за новинари рече дека очекува да биде отворено барем петтото поглавје, кое се однесува на јавни набавки, а можеби и поглавјата 25 и 26 – за наука, образование и за култура. Тој верува дека за тоа ќе придонесе и постигнатиот договор помеѓу Белград и Приштина за спроведување на договорот за правосудство.

Девенпорт денеска во Ниш изјави дека Србија напредува на европскиот пат, како и дека до крајот на годината би требало да отвори уште неколку поглавја од пристапните преговори со ЕУ.

Тој додаде дека и во 2017 година Србија ќе може да користи околу 200 милиони евра од претпристпаните фондови на ЕУ.

Србија во преговорите со ЕУ досега отвори вкупно 4 од 35 поглавја.