Македонија Спасовски пред самитот на ОБСЕ: МВР е подготвено, ова е сериозен предизвик...

Спасовски пред самитот на ОБСЕ: МВР е подготвено, ова е сериозен предизвик за службата и за државата

Спасовски рече дека е сигурен оти „на најдобар начин ќе се прикажеме како служба и како држава“, но и дека се ставени огромни надежи на Северна Македонија

фото: Министерство за внатрешни работи (МВР)

Службите ги преземаат сите потребни мерки и активности, дел од делегациите се пристигнати а состојбата е редовна. Ваква информација добил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од началникот на Одделот за заштита на определени личности и објекти, Александар Нацевски, кој е носител на активноста поврзана со организирање и координирање на мерките и активностите за безбедно одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Триесеттиот Министерски самит на оваа организација во текот на следните два дена ќе се одржи во македонскиот главен град, а Спасовки пред почетокот на самитот го посетил Штабот во рамки на Оперативната акција „ОБСЕ 2023“.

Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи – СВР Скопје, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за гранични работи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, се на терен и постапуваат „според планот“.

Спасовски рече дека е сигурен оти „на најдобар начин ќе се прикажеме како служба и како држава“, но и дека се ставени огромни надежи на Северна Македонија.

„Ова е сериозен предизвик за службата и за државата. Многу е важно како нѐ перцепираат на ниво на  меѓународна заедница. Вчера учествував на конференција во Брисел, во Европската Комисија, каде што оценката за МВР е во суперлативи за сите достигнувања, за професионалноста на полицијата, и тоа пред министри од целиот свет. Перцепцијата укажува на тоа дека Република Северна Македонија има сериозен кредибилитет и капацитет, меѓу другото и поради Самитот на ОБСЕ во Скопје. Тоа во дипломатијата се толкува како почеток кога сите седат на иста маса. Затоа одговорноста е уште поголема сѐ да помине во најдобар ред“, рече министерот Спасовски, додавајќи оти МВР е подготвено за предизвикот.