Македонија Спасовски: Мирен изборен ден, 46 пријави за изборни нерегуларности

Спасовски: Мирен изборен ден, 46 пријави за изборни нерегуларности

Не се регистрирани посериозни нарушување на изборниот процес, а до МВР се доставени 46 пријави за помали нерегуларности, како фотографирање гласачко ливче, гласање за друг, поткуп и носење гласачи на избори, информираше денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

МВР евидентирало 44 прекини на гласање на гласачки места, каде по 15 до 20 минути прекин, гласањето продолжило.

Спасовски информираше дека се приведени 10 лица за неовластено фотографирање.

– За поткуп во Битола приведени се три лица, а две лица, едно во скопско Мирковци и едно во Кавадарци, се приведени за гласање во име на друго лице. Расчистени се инцидентите во село Горно Седларце и во Бутел. До МВР пристигнаа шест пријави дека полициски службеници се однесувале непрофесионално, од нив три пријави се неосновани, во еден случај имало основа за пријавата, а на друг случај сè уште се работи – изјави Спасовски.

Според министерот, во текот на кампањата, а особено денеска за време на гласањето, МВР било целосно во служба на граѓаните за да обезбеди услови денот да помине мирно и граѓаните без притисок да си го остварат своето демократско право.