Галерија Спасовски и Заев се сретнаа со Цариградскиот патријарх и го поканија да...

Спасовски и Заев се сретнаа со Цариградскиот патријарх и го поканија да ја посети земјава

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, во придружба на доскорешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска во Истанбул, во седиштето на Цариградската патријаршија, имале средба со Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, информираа Владата и СДСМ.

Посетата била на покана од Цариградскиот патријарх до Заев, како тогашен премиер.

Премиерот Спасовски и Заев го честитале празникот Рождество Христово и го поканиле г.г. Вартоломеј да ја посети земјава.

„На средбата, која се оствари како резултат на поканата што Вселенскиот патријарх ја упати до Зоран Заев додека беше премиер на Владата на нашата земја, претседателот на Владата на Северна Македонија, Оливер Спасовски на поглаварот на Цариградската патријаршија му го честиташе празникот Христовото раѓање – Божик, со желби за здравје и сила, во мир и спокој да продолжи, како прв меѓу еднаквите во Православната црква, да ги обединува сите сестрински цркви.

Средбата во седиштето на Цариградската Патријаршија се одржа во пријатна атмосфера и во срдечниот разговор беше изразена надеж дека и оваа година Патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет и верниците“, соопшти Владата.