Македонија Спасовски: Двајца приведени за поткуп на гласачи, петмина за фотографирање ливчиња

Спасовски: Двајца приведени за поткуп на гласачи, петмина за фотографирање ливчиња

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прес-конференцијата еден час по затворањето на гласачките места објави дека има седуммина приведени за изборни нерегуларности, како и едно лице приведено за физичко насилство, за кое уште се истражува дали е поврзано со изборите.

– По долго време Македонија е горда што имаше фер, демократски и мирни избори – рече Спасовски, нагласувајќи дека МВР, постапувајќи согласно своите законски надлежности, презело мерки и активности со кои им обезбедило на граѓаните слободно да ја изразат својата волја и да го остварат правото на глас.

Тој посочи дека според oперативниот штаб на министерството, изборниот ден поминал мирно и им честиташе на „припадниците на македонската полиција за покажаната професионалност и за успешното и ефикасно извршување на зададените работните задачи“.

Спасовски потоа нагласи на кои места се случила нерегуларностите поради кои се приведени седумте лица.

– Во полициската станица Бит-пазар приведени се две лица поради сомнеж дека извршиле поткуп на избори и гласање, а во врска со пријава дека на улица Максут Садик во Скопје се врши поткуп на гласачи.  Исто така, приведени се и пет лица кои ги фотографирале избирачките ливчиња од гласањето, од нив три се во Скопје, а по едно во Пробиштип и во село Дулица.  Во Скопје се фотографирале гласачки ливчиња на гласачкото место во ОУ „26 Јули“, на гласачкото место во месната заедница Црниче и на гласачкото место во ОУ „Васил Главинов“. Против овие лица, ќе бидат поднесени соодветни прекршочни пријави. Како што претходно информиравме, пријавен е и физички напад во општината Шуто Оризари, приведено е едно лице и во моментот се работи на целосно расчистување на случајот – рече Спасовски