Свет Европа Спасени сите индиски работници што 17 дена беа заробени во тунел

Спасени сите индиски работници што 17 дена беа заробени во тунел

Во драматични сцени и по повеќе од 400 часа, работниците беа изнесени на носилки преку цевка со дијаметар од 90 сантиметри што беше протната низ ѕидот од рушевините

Индискиот премиер Нарендра Моди во посета на изложба за време на лансирањето на проектот Char Dham, од кој дел е и срушениот тунел / Prime Minister's Office (GODL-India), GODL-India , via Wikimedia Commons

Сите 41 индиски работници се спасени од тунел во државата Утараханд откако беа заробени внатре 17 дена. Работниците се безбедни и закрепнуваат во болница, јави Би-би-си.

Работниците останаа заробени во тунелот на 12 ноември, откако дел од него се урна поради лизгање на земјиштето. Тие беа ослободени вчеравечер во макотрпна спасувачка операција пред која се најдоа бројни пречки.

Во драматични сцени и по повеќе од 400 часа, работниците беа изнесени на носилки преку цевка со дијаметар од 90 сантиметри што беше протната низ ѕидот од урнатините што го блокираа тунелот.

Последниот дел од рушевините бил издупчен рачно од страна на специјален тим од експерти кои биле однесени да помогнат.

Објавените видеа на социјалните мрежи ги прикажуваат работниците како излегуваат од тунелот, се смешкаат, мавтаат и се ракуваат со присутните на местото на настанот.

Членовите на семејствата на работниците ги пофалија службениците за спасување и им се заблагодарија што безбедно ги извлекоа нивните најблиски.

Во меѓувреме, извлечените работници зборуваа со медиумите за нивните искуства.

На едно од видеата што тие ги споделиле со медиумите, се гледаат работниците како седат на своите кревети и ги проверуваат мобилните телефони, јадат, пијат чај и се фотографираат.

Еден од заробените, за весникот „Тајмс оф Индија“ изјави дека во тунелот било клаустрофобично и дека е вистинско олеснување што излегол.

Трет работник споделил дека го поминал времето играјќи видеоигри на својот мобилен телефон, кој се полнел со помош на преносни полначи што спасувачите ги провлекле низ цевката.

„Не можевме да се јавиме на никого бидејќи немаше мрежа, па разговаравме меѓу себе и се запознававме“, изјавил тој за весникот.

Друг работник споделил дека меѓусебно се мотивирале да останат позитивни и дека оделе на прошетка, но и вежбале јога за да останат активни.

Дел од тунелот Силкјара, долг 4,5 километри, падна на 12 ноември. Тунелот е дел од амбициозниот проект на владата, наречен „Чар Дам“, кој има за цел преку асфалтирани патишта да поврзе неколку клучни точки во оваа хималајска држава.