Свет Свет Спасен маж кој 84 часа бил под урнатините во Непал

Спасен маж кој 84 часа бил под урнатините во Непал

Спасувачките екипи во Непал синоќа, под урнатините на станбен блок во непалскиот главен град Катманду, успеале да го спасат 28-годишниот Риши Канал, кој 84 часа преживеал без вода и без храна.

Канал, повеќе од три дена бил затрупан во соба со мртви лица. Спасувачките екипи, повеќе од пет часа се обидувале да стигнат до преживеаниот.

Земјотресот со интензитет од 7,9 степени според Рихтеровата скала во саботата го погоди Непал, при што со себе однесе 5.057 животи, а повреди најмалку 10.000 лица.

Обединетите нации проценуваат дека околу осум милиони луѓе се загрозени по земјотресот, а организацијата одреди 15 милиони долари за итна помош на жртвите.

Светските медиуми јавуваат дека помошта која е доставена до Непал, сè уште не пристигнала до повеќето луѓе во подалечните изолирани села и градови во земјата, особено во планинските предели.