Главна секција Советот на министри не донесе одлука за датум, топката се префрла на...

Советот на министри не донесе одлука за датум, топката се префрла на премиерите

Советот на министри за општи работи на ЕУ заврши без заклучок за започнување преговори со Албанија и Македонија, па одлуката се префрла кај шефовите на држави или влади кои ќе се сретнат в четврток и петок во Брисел.

Пропаднаа обидите на финското претседателство да постигне компромис помеѓу земјите членки со тоа што во преговарачкиот процес ќе ги одвои Македонија и Албанија.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, изјави дека ова не е момент со кој ЕУ може да се гордее, но изрази надеж дека сѐ уште е можен компромис на ниво на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ в четврток.

– Нема сомнеж дека повторно одлагање ќе му наштети на нашиот кредибилитет на Западниот Балкан и нашата амбиција да станеме силен играч, овде зборуваме за наша внатрешна територија, ако на наша домашна територија не можеме да бидеме успешни, тогаш како ќе бидеме на надворешна – порача Хан.

Тој додаде дека реформите кои се прават во земјите кандидати се „болни“ и не исклучи можност од негативни последици доколку повторно се одложи одлуката на Самитот на ЕУ.

– Се надевам дека лидерите ќе ја поправат оваа грешка, не сакам да шпекулирам, но важно е да сфатиме колку болни реформи овие земји направија и политичкиот кредит на оние кои успеаја да го сторат ова, ако има негативна одлука, не можам да исклучам дека ќе предизвика интерни динамики, можам само да ги повикам итно сите да се фокусираат и да не се откажат- изјави Хан.

Еврокомесарот потврди дека Франција е таа која што се противи на секакво проширување, но не можеше да гарантира дека до четврток францускиот претседател Емануел Макрон ќе даде зелено светло.