Македонија Советот на град Скопје го усвои буџетот за 2024 година

Советот на град Скопје го усвои буџетот за 2024 година

Евидентно беше дека во салата недостигаат најголемиот број од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, иако дел од нив останаа за да го обезбедат кворумот за усвојување на градскиот буџет за 2024 година

Принтскрин од преносот на седницата на Совет на град Скопје; Извор: Град Скопје

Со 25 гласа „за“, еден „против“ и двајца „воздржани“, Советот на град Скопје попладнево го усвои градскиот буџет за 2024 година. Во салата присуствуваше минимал број на советници неопходен за да се изгласа буџетот на Град Скопје за наредната година, односно присуствуваа само 28 од вкупно 45 советници.

Евидентно беше дека во салата недостигаат најголемиот број од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, иако дел од нив останаа за да го обезбедат кворумот за усвојување на градскиот буџет за 2024 година.

Веднаш по гласањето, со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека Арсовска го донела буџетот за 2024 година со помош на СДСМ, ДУИ и Левица.

„Мнозинството СДС, ДУИ и Левица и изгласа буџет на Арсовска за да ги укине капиталните инвестиции, намали субвенциите и парите да завршат во приватни џебови на пајташите на Арсовска. Медарката Арсовска си обезбеди полни раце мед со гласовите на Левица, ДУИ и СДС. Честито за коалицијата, жалење за новата загубена година“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, како што и вообичаено бидува во изминатиов период, денешната седница на Советот на град Скопје мина во атмосфера на постојани префрлања и тензија. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа амандмани за измени на дел од ставките за градскиот буџет за 2024 година.

За време на самата седница, дел од амандманите од советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го поминаа филтерот на гласање, дел беа отфрлени и од градската администрација и со гласањето од самите советници, но дел од амандманите на буџетот беа повлечени од самите советници.

Скопскиот буџет за 2024 пред советниците: Политикантство и по некој амандман