Македонија Советниците од Центар се фатија за гуша за училиштето „11 Октомври“

Советниците од Центар се фатија за гуша за училиштето „11 Октомври“

Во бурна атмосфера помина расправата по првата точка од дневниот ред на седницата на Советот на Општина Центар, на која се расправаше за состојбата во училиштето „11 Октомври“. На почетокот, директорката на училиштето, Даниела Костадинова, хронолошки ги објасни случувањата од средата, кога почна масовното заболување на учениците во училиштето.

Според неа, симптомите со главоболки, гадење, болки во стомакот и со повраќање се појавиле кај 109 деца, од кои само 49 донеле потврда од матичен лекар за здравствени проблеми. Другите ученици своето отсуство го оправдале со изјава од родител. Таа рече дека хигиената во училиштето е добра и ги прочита анализите од Центарот за јавно здравје за исправноста на водата и на воздухот.

Советниците од СДСМ за целата состојба во училиштето ја обвинија директорката. Тие набројаа и други нејзини пропусти, како што се разрешување на наставници и нејзиниот незаконски избор за раководител на училиштето.

Директорката ги отфрли сите обвинувања и побара да се разговара аргументирано и со докази.

Поради расправата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, која на моменти беше тензична, претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ, повеќепати даде пауза за смирување на страстите.