Македонија Социетас Цивилис: Од планот 3-6-9 во вторите 3 месеци исполнети половината активности

Социетас Цивилис: Од планот 3-6-9 во вторите 3 месеци исполнети половината активности

Од вкупно предвидените 31 активност во вторите три месеци од планот 3-6-9, исполнети се  16 активности (52%), додека пет активности (16%) – се делумно исполнети, шест активности се неисполнети (19%) и четири активности, односно 13 отсто од вкупниот број се немерливи, утврдил Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), кој во соработка со фондацијата Конрад Аденауер го следи спроведувањето и исполнувањето на реформите од Планот 3-6-9.

Во извештајот презентиран денеска за второто тромесечие од владиниот реформски план, односно до крајот на годината, се вели дека сепак во него е постигнат напредок во однос на првото тромесечие, односно делот „3“. Така, во однос на првиот дел процентот на исполнети активности е во пораст од 41% на 52%, но пораснал и процентот на неисполнети активности од 14% на 19%. Процентот на делумно исполнетите активности останува ист, односно 16%, а се бележи пад во процентот на немерливи активности од 29% на 13%..

„Се забележува подобрување на планот на зголемување на неговата мерливост и предвидливост. Друг позитивен момент е што Владата, овој пат, го објави планот во целост, односно ги објави активностите кои треба да бидат преземени за целото времетраење на планот 3-6-9. Исто така, како позитивно се оценува и направената приоретизација во однос на реформски области. За разлика од претходниот план, овојпат, акцентот е ставен на реформите во правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и јавната администрација“, велат од ИДСЦС.

Во однос на препораките од извештајот на Прибе од 2015 година и Итните реформски приоритети на Европската комисија, активностите во делот 6 го запазуваат истиот опфат како со делот 3. Така, во вториот дел осум активности од вкупно 31 може да се поврзат со двата погоренаведени извештаи. Слична е ситуацијата и со усогласеноста на мерките во делот 6 со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија 2016 – 2018 и нејзиниот анекс 2017 – 2020. Додека во делот 3, осум од 73 мерки, односно 11 отсто од вкупната бројка произлегуваат и се усогласени со Националната програма и  нејзиниот анекс, во делот 6 само три од 31 мерка, односно 10 отсто од мерките покажуваат таква усогласеност. Мало, незначително подобрување од 25% на 29% се забележува во адресирање на препораките од вториот извештај на Прибе од 2017 година.