Свет Балкан Софиските власти сакаат да го срушат споменикот на советската армија во центарот...

Софиските власти сакаат да го срушат споменикот на советската армија во центарот на градот

Фото: Mediapool.bg

Општинскиот совет на Софија гласаше за отстранување на споменикот на советската армија, кој е лоциран во центарот на бугарскиот главен град, јавува mediapool.bg. Високо мнозинство од 41 советник ја поддржаа одлуката за да се побара од државата да го тргне овој реликт од поранешниот комунистички режим. Самиот споменик е во државна сопственост, така што општината не може сама да го тргне од централното градско подрачје.

Советниците ја задолжија градоначалничката Јорданка Фандукова да побара од државните органи да ја почитуваат оваа одлука, при што нивната идеја е споменикот да се премести во Музејот на социјалистичка уметност во Софија или на некоја соодветна локација надвор од градот.

Техничкиот премиер Галаб Донев не се произнесе директно по барањето на софиските власти, повикувајќи ги политичарите да ја остават оваа тема за одлучување по завршувањето на предвремените парламентарни избори во Бугарија.

Одлуката во софискиот општински совет беше поддржана од партијата ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов, Демократска Бугарија и од Патриоти за Софија, додека Бугарската социјалистичка партија гласаше против дислокацијата на овој споменик.

Според општинските советници, единственото краткотрајно решение за овој дел од центарот на Софија е да се постават табли околу споменикот, на коишто ќе пишува дека станува збор за странска сила која ѝ објавила војна на Бугарија и која ја окупирала земјата. На подолг рок, на местото на Споменикот на советската армија е предвидено да се пронајде друго урбанистичко решение за уредување на постојната локација во центарот на Софија.

За време на донесувањето на одлуката од општинскиот совет, пред неговата зграда се одржа протест на симпатизери на неколку проруски партии во Бугарија, вклучувајќи ги „Преродба“, „Мир“, „Левица“ и „Атака“. На протестот беше и лидерот на радикалната партија „Атака“, Волен Сидоров. Приврзаниците на Бугарската социјалистичка партија се собраа пред самиот споменик во центарот на Софија, порачувајќи дека со евентуалното дислоцирање на споменикот „повторно се раѓала чумата на фашизмот“.