Македонија Собраниската седница за Зврлевски прекината на барање на ВМРО-ДПМНЕ, продолжува утре

Собраниската седница за Зврлевски прекината на барање на ВМРО-ДПМНЕ, продолжува утре

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина денешната собраниска расправа за разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски поради партиски активности. Седницата ќе продолжи утре во 11 часот.

На денешното седница пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, покрај меѓусебните реплики, контрареплики и пофалбите за работата на јавниот обвинител, рецитираа поезија и раскажуваа вицови на сметка на новите кадровски решенија на власта во државните институции.

Пратеникот на опозициската партија, Иван Иванов од говорницата раскажа виц со кој на сакаше да потенцира дека власта ги распродава националните за своите лични интереси, додека неговиот сопартиец, Димитар Стевананџија ја рецитираше „Тешкото“ од Блаже Конески, поради тоа што за директор на „Танец“ е назначен човек со средно градежно образование.

Пратениците од владејачката СДСМ и денеска не учествуваа во дебатата. Пратеничката Фросина Ременски одржа прес-конференција во Собранието на која ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не го бојкотираат законодавниот дом затоа што така им нанесуваат штети на граѓаните.

Пратеникот Илија Димовски од собраниската говорница порача дека не го блокираат носењето на законот за минимална плата и законот за стечајците, бидејќи тие се уште не се ставени на дневен ред на Собранието.

– Доколку мнозинството се согласи да дојдеме до начин во следните половина час да го изгласаме законот за јавно обвинителство (предложен од ВМРО-ДПМНЕ и според кој државниот јавен обвинител треба да се избира по предлог на опозицијата и да се изгласа со двотретинско мнозинство), веднаш ќе преминеме и на гласање за разрешувањето на јавниот обвинител. Но мнозинството не сака да се држи до ветувањата дадени пред избори – рече Димовски.